Конкурс за избор да најдобра фотографија по повод светскиот ден на водата

По повод 22 март- Светски ден на водата, ЕКО при СОУ “Св.Кирил и Методиј” -Неготино распишува

Конкурс за избор на најдобра фотографија на тема:

Голтка вода, голтка живот!
Чиста вода, бистра мисла!
Право на достапност до чиста вода за пиење!

Право на учество имаат сите заинтересирани ученици од нашето училиште кои ќе направат сопствена фотографија на темата и ќе ја достават за учество,со големина 18*24cm. Фотографијата треба да биде доставена во плико, со наведена шифра на учесникот и да се предаде кај одговорната професорка: Елеонора А.Зафирова.

?За најдобрите три фотографии следуваат скромни награди, а фотографиите на сите останати учесници ќе бидат изложени во аулата на училиштето на 22 март.

?Рок за поднесување на изработките: од 14 до 20 март 2022 година.

Критериуми за учество:

o Секој ученик може да поднесе само една фотографија;

o Фотографијата треба да биде авторско дело на ученикот. Превземените туѓи фотографии нема да учествуваат во изборот.

ℹ️За дополнителни информации може да се обратете кај професорката Елена Божијанова-Серафимовска.

Видео по повод „5-ти Март – Светски ден на енергетската ефикасност”

Видео по повод „5-ти Март – Светски ден на енергетската ефикасност” изработено од ученици од четврта година, членови на ЕКО при нашето училиште под менторство на професорката Снежана Трајкова, со цел подигнување на нашата свест за важноста на овој неопходен ресурс во секојдневниот живот на човекот.

 

МИМО активност

Секогаш со истото чувство. Да сакаш и да бидеш сакан. И вистината да ја споиш со виното. И постојано околу себе да ја имаш љубовта. И тоа чувство да трае и трае.

И оваа година продолжува МИМО да ткае приказни за љубовта и виното. Оригинални како и секогаш МИМО при СОУ “Св.Кирил и Методиј” – Неготино. Учениците креатори, реализатор Кирил Јанев III1. Приказната продолжува…

 

Екологистите посадија дрвца Ginkgo biloba, настан организиран од Здружението Ековита на кој учество зедоа нашите ученици од I4 и III9. Гинко е најстарото дрво на светот кое на планетатa Земја живее уште од пред околу 270 милиони години. Чарлс Дарвин ова дрво го нарекол жив фосил, бидејќи гинкото го преживеало дури и Леденото доба. Нека овие садници ја красат и нашава општина!

Меѓународна соработка

СОУ ,,Св. Кирил и Методиј ” – Неготино стана дел од проектот поддржан Европска Унија и GIZ наречен ,,Супер училишта”. ,,Супер училишта” е програма на RYCO за училишна размена во Западен Балкан со цел да се поддржи процесот на градење мир, меѓукултурното учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници. Одговорни професори за соработка со оваа платформа се професорките Маја Тефова и Маја Којчева – Величкова.

Општинскиот натпревар по биологија

Општинскиот натпревар по биологија се одржа online на ден 07.02.2022 година.  Сите ученици кои учествуваа се пласираа на регионален натпревар.

Освоени места:

Од  прва година: (I4)

1.Кирил Димитров  II награда (ментор:Валентина Манчева)

Од втора година:

1.Елена Јорданова  II награда  (II5)

2.Мила Толова   III награда (II5)

3.Ивона Маркова III награда ( II4 )  (ментор:Зорица Стојановска)

Хуманитарна акција за собирање облека

На ден 10.02.2022 година (четврток) во просториите на училишната библиотека при  СОУ”Св.Кирил и Методиј” – Неготино беше реализиран отворен ден за ученичка иницијатива од I8 клас (хемиско технолошка струка),а кој се однесува на хуманитарна акција за собирање облека и нивна донација.

Присуствуваа 16 ученици и тимот за координација на иницијативата.Едната група ученици работеа на сортирање на собраната облека по возраст и нејзино пакување,а другата група ученици работеа на изработка на ѕиден весник посветен на хуманоста.

Активноста беше со времетраење од 1 час и по нејзино завршување дел од учениците  се упатија  во просториите на општинската организација  на Црвен крст – Неготино,каде беше донирана облеката.

Со ваквиот чин,учениците при  СОУ”Св.Кирил и Методиј” – Неготино ја покажаа својата хуманост на дело,а преку пораките од ѕидниот весник ги поттикнаа останатите ученици на хумани дела.

 

                                             Тимот за координација на ученички иницијативи при  СОУ”Св.Кирил и Методиј” – Неготино

 

 

 

Завршната конференција „Здружено за поздрава животна средина” на проектот „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина”

На завршната конференција „Здружено за поздрава животна средина” на проектот „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина”, која што се одржа на 21.1.2022г. во хотелот „Александар Палас” во Скопје, земаа учество учениците од нашата гимназија, од трета и четврта година, коишто се членови и поддржувачи на здружението „Ековита” од Неготино и спортскиот клуб „Клисура” од Демир Капија. Беа одржани неколку паралелни дебати, на кои се дискутираше за улогата на образованието и медиумите во заштитата на животната средина, што треба да промениме и како се создава активна младина. На една од овие дебати говорник беше и нашиот ученик Благој Јанев од трета година, каде зборуваше на овие теми и ги претстави проектите кои ги работеа учениците во изминатиот период, а се поврзани со заштитата на животната средина.

 

Посета на билингвалните паралелки од претседателката на организацијата ESTIMA

Денес во посета на билингвалните паралелки беше претседателката на организацијата ESTIMA, г-ѓа Ана Крстиновска која заедно со професорката Александра Илиева и професорот Драган Трпковски оддржаа час во прва година (билингвална паралелка) каде главна тема беше Европската Унија. Естима е организација која е основана во 2016 од група ентузијасти водени од желбата да придонесат повеќе за позитивна промена во нашата заедница. Нивната мисија е да ги оспорат постоечките стандарди во областа на создавање и размена на знаење и да дефинираат нови како би добиле најсовремени знаења. Нивната база на знаење е поврзана со Европска Унија.

Симулација за евакуација и спасување во случај на земјотрес и пожар во нашето училиште

На ден 03.11.2021 година (среда), во училиштето беше спроведена вежба „Евакуација“ на учениците и сите вработени. За таа цел беше формирана комисија од 11 членови кои ја реализираа истата. Целта на вежбата беше симулација на евакуација во случај на пожар или земјотрес.  Истата беше успешно реализирана, така што започна во 09:20h а заврши во 09:30h.  Симулацијата беше успешно изведена за време од 01 min 23 sec.