Одбележан Патрониот празник на СОУ„Св.Кирил и Методиј“ – Неготино

E-Програма по повод патрониот празник на нашето училиште

Вторник, 26 Мај, нашето училиште СОУ„Св.Кирил и Методиј“- Неготино со пригодна програма во електронска форма, подготвена од учениците и нивните ментори, го обележа својот Патронен празник, денот кога ги славиме светите браќа Кирил и Методиј.

За прв пат од кога постои средното образование во нашиот град, патрониот празник го прославуваме во електронска верзија, без ученици, гости и вработени поради светската пандемија на корона вирусот која го затвори нашето училиште како и скоро сите други во светот.

Се до почетокот на  месец март, наставата се одвиваше непрекинато, а  образовниот процес во целост ја исполни мисијата и визијата на нашето училиште која секогаш е во согласност со возвишената мисија на светите браќа Кирил и Методиј, дека писменоста и знаењето се ѕвезда водилка за просветлување на народите.

Во периодот додека училишните врати беа отворени нашите ученици беа активни на многу полиња т.е. на разни проекти, школски и спортски натпревари на кои постигнаа значителни успеси, а дел од истите беа одложени поради пандемијата.  Притоа, како училиште имаме одлична соработка со локалната самоуправа и во целост се заврши  проектот за енергетска ефикасност и меѓугранична соработка и благодарение на истиот ги променивме прозорите во училштето.

И оваа година, како и секоја, се избираше ученик на генерацијата, односно ученик кој се истакнува со своето знаење, успеси и награди.  Ученик на генерација 2016-2020год. е ученикот Андов Пане IV5. 

Учебната година ќе заврши во затворено училиште, учениците ќе го продолжат патот кон постигнување на својот успех, но најважно е нивното здравје.

Ние сме тука, драги наши ученици, од есен заедно не очекуваат нови предизвици со полни училници и нови терени за докажување.

Уште еднаш, во името на сите вработени во СОУ„Св. Кирил и Методиј“- Неготино, на нашите ученици им го честитаме Патрониот празник, со верба дека наредниот ќе го прославиме сите заедно во училишто.