Трет информативен ден на тема Користење на обновливи извори на енергија и нивна важност / добри примери од училиштата во регионот „- Проект„ ЕНПОЛ-ЕЕ “- СОУ Св. Кирил и Методиј – Неготино

Во рамките на проектот „Енергетска ефикасност во прекуграничната област како индикативен фактор за политиката за животна средина“ „ENPOL-EE“ на програмата за прекугранична соработка „Intereg-IPA CCI 2014 TC 16 15CB 009 во периодот 2014 година -2020, кофинансиран од Европската унија и од Националните фондови на земјите учеснички, СОУ Св.Кирил и Методиј Неготино и организаторот на настанот АДВИСЕНТ ДООЕЛ Скопје го организираа последниот трет информативен ден на тема Користење на обновливи извори на енергија и нивната важност / добри примери од училиштата во регионот. Настанот се одржа на 19 ноември 2020 година во СОУ Св. Кирил и Методиј Неготино и преку платформата ЗООМ.

Во рамките на активностите, присутните имаа можност да добијат информации од Проект менаџерот г-ѓа Цветанка Ристова за сите активности што се направени за време на проектот.  Презентерите г-ѓа Бојана Стојановска Печуровска и г-дин Филип Стојановски ги запознаa учениците од средните училишта  од Неготино, Кавадарци и Скопје со обновливите извори на енергија и нивната примена во регионот и пошироко.

Со овој настан всушност СОУ Св. Кирил и Методиј од Неготино ги заврши своите активности во рамките на  проектот ЕНПОЛ-ЕЕ.

Проектот „Енергетска ефикасност во прекуграничната област како индикативен фактор за политиката на животната средина“ со кратенка „Енпол-ЕЕ“ се реализира во партнерска соработка на СОУ „Св. Кирил и Методиј Неготино, Општина Неготино, Општина Пела и Јавно претпријатие за култура и развој на Пела-Република Грција.

Последен поздрав од СОУ„Св. Кирил и Методиј”-Неготино

Почивај во мир наш драг, пензиониран колега Дионис!

Секогаш ќе бидеш во сеќавањата на учениците низ генерациите што поминаа и во сеќавањата на твоите колеги од СОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Неготино!

Сочувство до семејството. Нека ти е вечна слава!

 

МИМО активност

И оваа учебна 2020/21г. во СОУ„Св.Кирил и Методиј“- Неготино продолжуваат активностите за МИМО (Меѓуетничка интеграција на младите во образованието) и во рамките на класниот час.

Креативниот дух на младиот човек не запира. Да се потсетиме каде е човекот, како сите ние сме еднакви и како ќе издржиме пред предизвиците.

II 3 клас (гимназиско образование) ОХА при нашето училиште.

 

Презентација за МИМО активности за II 3 клас за учебна 2020-21г. (pdf)

Презентација за МИМО активности за II 3 клас за учебна 2020-21г.(pptx)

 

 

 

 

 

 

 

 

Соработка со Ротаракт – Неготино

Многу им се радуваме на соработките, особено со млади и амбициозни луѓе кои знаат да подадат рака во вистински момент.

Им упатуваме неизмерна благодарност на членовите на Ротаракт – Неготино, кои ја продолжија мисијата која во нашето училиште ја започна Ротари Клубот – Неготино и ни донираа камери со кои се доврши системот за видео надзор во СОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Неготино. Но, нивната хуманост не завршува тука. Во овие тешки услови кога дел од учениците не се во можност да следат онлајн настава, тие донираа и три таблети кои ги наменивме за учениците од социјално загрозените семејства.

Донација од Борче Стаменов

Сакаме да му упатиме јавна благодарност на Борче Стаменов и неговата хумана акција „Донирај компјутер“ преку која му се овозможи на нашиот ученик Денис Матлиов да следи настава од далечина.

Многу ни е драго што преку овој хуман гест нашиот ученик од прва година ќе може непречено да биде дел од образовниот процес во услови на пандемија, со надеж дека и тој еден ден ќе го следи ваквиот светол пример.

Известување за крводарителска акција во просториите на Црвен крст Неготино

Црвен крст Неготино Ве известува дека на ден 06.11.2020 година(петок) ќе се одржи крводарителска акција во просториите на Црвен крст Неготино со почеток од 09 до 15 часот.

Учениците од III и IV година може да се вклучат во акцијата за дарување на крв со наполнети 17.5 години со потпишана согласност од родител или 18 години само со лична карта.

Традиционално досега два пати годишно одржувавме крводарителски акции во училиштето, меѓутоа поради состојбата со пандемијата од COVID19 оваа крводарителска акција ќе се одржи во просториите на Црвениот крст каде може да земат учество како учениците така и професорите вработени во училиштето.

Од Цвениот крст напоменуваат дека дарувањето на крв е безбедно и се одвива според дадените протоколи.

Известување до родителите/старателите

Почитувани родители/старатели,
Би сакале да ве информираме дека училиштето постапува според протоколите и мерките за заштита од Covid-19 и затоа е потребно ваша соработка со цел да се придржуваме сите заеднички до насоките утврдени во протоколот за реализација на настава со физичко присуство (за учениците од III и IV година кои реализираат практична обука со физичко присуство) и да постапуваме според „АЛГОРИТАМ ЗА ПОСТАПУВАЊЕ ВО УЧИЛИШТАТА ВО СЛУЧАЈ НА ПОЈАВА НА УЧЕНИК СО СИМПТОМИ, СОМНИТЕЛЕН/ПОЗИТИВЕН НА КОВИД-19„


  • ПОСТАПКА ПРИ ПОЈАВА НА ДЕТЕ СО СИМПТОМИ, СОМНИТЕЛНО НА КОВИД-19

Доколку одреден ученик,  развие покачена телесна температура над 37,5 С° во домашни услови и има симптоми карактеристични на КОВИД-19 (малаксалост, кашлица, отежнато дишење, пролив, повраќање и др.) потребно е родителот/старателот да го извести класниот раководител со цел понатамошно постапување.  (контакт со епидемиолошката служба во надлежниот Центар за јавно здравје и со матичниот доктор/педијатар на ученикот).  Во координација меѓу епидемиологот од епидемиолошката служба на надлежниот ЦЈЗ, матичниот лекар/педијатар и родителот/старателот на детето се одлучува за понатамошната дијагноза/тестирање/третман на ученикот. Епидемиологот од надлежниот ЦЈЗ прави епидемиолошка проценка на ризик за можноста од проширување на инфекцијата.

  •  ПОСТАПКА ПРИ ПОЈАВА НА УЧЕНИК ПОЗИТИВЕН НА КОВИД-19
    Епидемиологот од надлежниот ЦЈЗ/матичниот лекар на ученикот ги известува родителите/старателите и назначеното одговорно лице во училиштето за позитивниот резултат на ученикот (по што е потребно родителите да стапат во контакт со класниот раководител). Центарот за јавно здравје го известува Институтот за јавно здравје за позитивниот резултат на ученикот со цел превземање на понатамошни епидемиолошки мерки за спречување на ширење на инфекцијата.
Јавното здравје е заедничка одговорност!

 

Конкурс за ученици од основното и средното образование по повод Светскиот ден на штедењето – 31 Октомври, од НБРСМ

К О Н К У Р С

за ученици од основното и средното образование по повод

Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври

*Тема и услови на конкурсот за учениците од средно образование

 Учениците од средното образование може да учествуваат на конкурсот со испраќање литературна творба ‒ есеј на тема:

„Штедењето во добри времиња наспроти неизвесноста на иднината“

 

Есејот треба да има најмногу 1.800 зборови и да содржи личен поглед кон улогата на штедењето, со осврт на некои од следниве прашања: улогата на штедењето во економијата, значењето на штедењето за иднината, улогата на заштедите во совладувањето кризни ситуации, ставот кон штедењето на младата популација, семејните навики и штедењето, класичните наспроти современите форми на штедење, познавањата на младите за штедењето во финансиските институции, ставот на младите во однос на потребите за финансиска едукација и други аспекти.

За избраните 3 најдобри творби на учениците од средното образование ќе им биде доделена парична награда во износ од по 6.000,00 денари со исплата на паричната награда на трансакциска сметка во банка во Република Северна Македонија, по нивен избор.

 

Крајниот рок за доставување на творбите е 20 октомври 2020 година.

 

Заеднички услови коишто важат за учениците од основното и средното образование:

Со цел да се заштити работата на учениците, Ве молиме потпишете ги Вашите творби, со тоа што задолжително треба да се наведат следниве информации:

– Име и презиме на ученикот,  

– Назив на училиштето каде што ученикот посетува настава (одделение / година /

  општина / село / град),
– Име и презиме на родителот / старателот со адреса на живеење и
– Телефон за контакт на родителот / старателот / наставникот / професорот.

 

Начин на достава на творбите:

Сите творби (цртеж, песна, расказ и есеј) може да се достават директно во Архивата на Народната банка или преку пошта. Литературните творби (песна, расказ и есеј), како и ликовната творба (исклучиво цртеж изработен на дигитален уред) може да се достават по електронски пат на следнава електронска адреса: tvorbi@nbrm.mk 

 

Адреса за достава преку пошта со назнака:

„За конкурс по повод Светскиот ден на штедењето – 31 октомври“
НАРОДНА БАНКА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр. 1, 1000 Скопје

 

Пристигнатите творби ќе ги разгледуваат и ќе ги оценуваат жири-комисии формирани од претставници на Народната банка на Република Северна Македонија и Министерството за финансии на Република Северна Македонија.

Списокот на наградените ученици ќе биде објавен најдоцна до 31 октомври 2020 година, на интернет-страниците на Народната банка http://nbrm.mk/ и Министерството за финансии http://finance.gov.mk/.

За подетални информации може да се обратите преку електронската пошта на Народната банка: tvorbi@nbrm.mk и електронската пошта на Министерството за финансии: finance@finance.gov.mk.

 

Линк до К О Н К У Р С за ученици од основното и средното образование по повод Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври:

http://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-konkurs-za-ucenici-od-osnovnoto-i-srednoto-obrazovanie-po-povod-svetskiot-den-na-stedeneto-%E2%80%92-31-oktomvri-29092020.nspx

Донација од фабриката ,,Дрекслмајер”

Сакаме да упатиме огромна благодарност до фабриката ,,Дрекслмајер” од Кавадарци која во два наврати ја поддржа нашата работа и донираше 30 десктоп и 11 лаптоп компјутери.


Оваа донација значи поддршка во процесот на онлајн учење и ќе придонесе за непречено одвивање на образовниот процес, па затоа сме среќни што имаме вакви социјално одговорни претпријатија за наши пријатели. Ваквата поддршка нека го отвори патот и за понатамошна соработка и нека биде пример и за другите компании. Овие компјутери во голема мера ќе го унапредат образовниот процес во средното стручно образование, особено во електро-техничката струка.

 

 

 

 

 

 

 

Работилница на тема „Медиумска писменост“

Елена Тимова и Јована Анѓелковска, ученичките коишто беа дел од тренингот за тренери на тема “Медиумска писменост”, одржаа три работилници на пеесетина ученици од прва до четврта година. Тие се обидоја да ги поттикнат своите соученици да бидат повеќе медиусми писмени. Дел од работилницата беше наменета за тоа како да се препознае една лажна вест, какви ефекти може да имаат медиумите врз нас и кои прашања треба да ги имаме на ум кога читаме една вест. Истата се заврши со практична вежба користејќи ја познатата реклама на брендот за газирани сокови “Пепси”.