Наставната година во образовните установи продолжува преку воведување на далечинско учење!

Почитувани наставници, ученици

Драги родители,

Дозволете да информирамe дека на предлог на Министерството за образование и наука, Владата на Република Северна Македонија донесе уредби со сила на закони со кои се предвидува основните и средните училишта, како и високо образовните установи и јавните научни установи да организираат далечинско учење, односно учење од дома со примена на средства за електронска комуникација.

Секоја образовна установа индивидуално одлучува за формата на далечинско учење која ќе ја примени, земајќи ги предвид можностите на сите вклучени страни во образовниот процес за користење на одредено/одредени средства за електронска комуникација (видеоконференциски платформи, електронска пошта и слично) кои обезбедуваат взаемна двонасочна комуникација и настава без физичко присуство на засегнатите. Наставниот кадар е должен за време на далечинското учење да реализира настава, да организира вежби, тестирања, проверка и објективно оценување на знаењето на учениците.

Веруваме во капацитетот на образовните установи, како и на наставниот кадар, така што очекувам продолжување на воспитно – образовниот процес за сите кои се дел од едукативниот систем во земјата и истовремено, информирам дека Министерството за образование и наука е постојано и целосно подготвено да помогне онаму каде ќе бидат нотирани предизвици и потреба од поддршка.

Знаењето е најмоќната алатка за остварување личен успех. Затоа да не дозволиме образовниот процес да биде во застој, туку напротив да се заложиме тој непречено да продолжи и во овие вонредни и тешки околности за сите нас.

Тоа е наша заедничка обврска!