Образовен профил електротехничар-енергетичар

Електроенергетиката како дел од електротехниката се занимава со проучување на електроенергетски системи во чиј состав се третираат постројките за производство на електрична енергија, системите за пренос на електрична енергија (електропреносен систем), разводните постројки, системите за дистрибуција на електрична енергија (електродистрибутивни системи) и потрошувачите на електрична енергија.

Образовниот профил Електротехничар-енергетичар може да работи во различни работни средини како што се: производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија, осветлување на отворени и затворени површини, индустриски погони, станбени објекти, установи за јавни услуги, сервиси за куќни апарати, медиуми, установи за туризам, угостителство, образование, наука, здравство, земјоделие и др., како и да развива сопствен бизнис. Исто така, ќе може да извршува работни задачи како: Електротехничар за електрични инсталации и осветлување; Електротехничар за комуникации, мерења и управување во електроенергетиката; Електротехничар за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија; Оператор на електрични машини и електромоторни погони и Оператор на електрични апарати и уреди за домаќинство и погон и на други работни места, согласно со квалификацијата.

Открива дефекти и врши интервенции од електрична и не електрична природа на електрични инсталации и осветлување, контролира и анализира параметри и податоци добиени од мерни инструменти заради управување и регулирање во електроенергетиката, управува, контролира и одржува електрични централи, електроенергетски постројки и електромоторни погони, изведува операции на високонапонски и нисконапонски електроенергетски мрежи, сервисира, одржува и поправа куќни апарати и уреди.