Конкурс за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2020/2021 година во Република Северна Македонија

Со Конкурсот за запишување ученици во средното образование во учебната 2020/2021 година е утврдена можноста за запишување ученици според наставните планови и програми за: гимназиско образование, стручно образование (техничко образование – четиригодишно траење, стручно образование за занимање – тригодишно траење и двегодишно траење), средно уметничко образование и средно образование за ученици со посебни образовни потреби.

Во согласност со член 42 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017 и 64/108), Законот за стручно образование и обука („Службен весник на Република Македонија“ бр. 71/2006, 117/2008, 148/2009, 17/2011, 24/2013; 137/2013, 41/2014, 55/2016 и 64/2018 и („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019 ), Законот за спортска академија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2014, 129/2015, 146/2015, 30/2016 и 142/2016 и 64/2018) и Законот за Математичко-информатичка гимназија („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2018), запишувањето ученици во јавните средни училишта се врши по пат на Конкурс кој го објавува Министерството за образование и наука во средствата за јавно информирање по предлог на основачот.

Со Конкурсот за запишување ученици во средното образование во учебната 2020/2021 година е утврдена можноста за запишување ученици според наставните планови и програми за: гимназиско образование (природно – математичко подрачје (комбинација А), природно – математичко подрачје (комбинација Б), општествено – хуманистичко подрачје (комбинација А), општествено – хуманистичко подрачје (комбинација Б), јазично – уметничко подрачје (комбинација А), јазично – уметничко подрачје (комбинација Б), стручно образование (техничко образование – четиригодишно траење, стручно образование за занимање – тригодишно траење и двегодишно траење), средно уметничко образование, средно образование за ученици со посебни образовни потреби и гимназиско образование во Математичко – информатичка гимназија.

 

К О Н К У Р С за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2020/2021 година во Република Северна Македонија

СРЕДНО ОПШТИНСКО УЧИЛИШТЕ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ – НЕГОТИНО

Во прва година ќе се запишат 442 ученици во 13 паралелки со настава на македонски јазик според наставните планови и програми за:

  • Гимназиско образование – 170 ученици, 5 паралелки, 60 минимум поени

(една билингвална паралелка македонско – француска)

  • Електротехничка струка – 136 ученици, 4 паралелки

– електротехничар за компјутерска техника и автоматика                            мак.    68 уч.    2 пар.    4 г.тр.   55 минимум поени

– електротехничар – енергетичар                                                                                    мак.   34 уч.   1 пар.    4 г.тр.     45 минимум поени

– електромеханичар за компјутерска техника и технологија                          мак.   34 уч.    1пар.    3 г.тр.    30 минимум поени

  • Хемиско – технолошка струка, 136 ученици, 4 паралелки

– прехранбен техничар                                                                                                             мак.    34 уч.     1 пар.    4 г.тр.   45 минимум поени

– хемиски лабораторски техничар                                                                                     мак.   34 уч.    1 пар.    4 г.тр.    45 минимум поени

– месопреработувач                                                                                                                    мак.    34 уч.      1 пар.    3 г.тр.   30 минимум поени

– пекар                                                                                                                                                мак.    34 уч.     1 пар.     3 г.тр.   30 минимум поени

 

Конкурсот може да го преземете на следниот линк:

Конкурс за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2020/2021 година во Република Северна Македонија

Наставната година во образовните установи продолжува преку воведување на далечинско учење!

Почитувани наставници, ученици

Драги родители,

Дозволете да информирамe дека на предлог на Министерството за образование и наука, Владата на Република Северна Македонија донесе уредби со сила на закони со кои се предвидува основните и средните училишта, како и високо образовните установи и јавните научни установи да организираат далечинско учење, односно учење од дома со примена на средства за електронска комуникација.

Секоја образовна установа индивидуално одлучува за формата на далечинско учење која ќе ја примени, земајќи ги предвид можностите на сите вклучени страни во образовниот процес за користење на одредено/одредени средства за електронска комуникација (видеоконференциски платформи, електронска пошта и слично) кои обезбедуваат взаемна двонасочна комуникација и настава без физичко присуство на засегнатите. Наставниот кадар е должен за време на далечинското учење да реализира настава, да организира вежби, тестирања, проверка и објективно оценување на знаењето на учениците.

Веруваме во капацитетот на образовните установи, како и на наставниот кадар, така што очекувам продолжување на воспитно – образовниот процес за сите кои се дел од едукативниот систем во земјата и истовремено, информирам дека Министерството за образование и наука е постојано и целосно подготвено да помогне онаму каде ќе бидат нотирани предизвици и потреба од поддршка.

Знаењето е најмоќната алатка за остварување личен успех. Затоа да не дозволиме образовниот процес да биде во застој, туку напротив да се заложиме тој непречено да продолжи и во овие вонредни и тешки околности за сите нас.

Тоа е наша заедничка обврска!

 

АПЕЛ од управата, наставниот кадар при СОУ „Св.Кирил и Методиј“ и здравствените работници до сите ученици и родители

Апелираме да се применуваат мерките за превенција кои што се упатeни од Министерството за здравство и врз основа на тоа да се избегнуваат секакви собири и настани на отворен и затворен простор во овие 14 дена, кога воедно е и донесена одлуката за прекин на воспитно-образовниот процес, со цел превенција и заштита од ширење на корона вирусот.

Седете дома !

Да го заштитиме нашето здравје и здравјето на нашите најблиски. Од нас зависи!

Енергетска ефикасност

На 05.03.2020 год.  (четврток) во училишната библиотека при СОУ “Св. Кирил и Методиј”  Неготино по повод светскиот ден за енергетска ефикасност се одржа презентација од учениците Јани И., Александра П. и Ристе К. од I6 под менторство на професорката Снежана Трајкова. Презентацијата ја следеа ученици и наставници од училиштето.

Покана за 48-та Меѓународна ликовна изложба Лидице, Чешка 2020

Во прилог е покана за учество на 48-та  Меѓународна изложба на ликовна уметност во Лидице, Чешка, 2020 чијашто тема е „пејзаж„. Изложбата е основана во чест на сеќавање на децата жртви од чешкото село Лидице, убиени од германските нацисти во 1942 година, како и во чест на сите деца загинати во војна. Се одржува од 1972 година, а годинава имаше учесници и од нашата земја.

Сите потребни информации како што се условите за учество и начинот на пријавување се достапни на веб адресата https://www.mdvv-lidice.cz/   ( https://www.mdvv-lidice.cz/en/current/invitation/ ).

Зинтересираните учесници може да се пријават со пополнување на апликацијата достапна на веб адресата.

Крајниот рок за пријавување е 14 февруари 2020 година.

Посета на директорот на Францускиот институт- Скопје

 

Директорот на Францускиот институт од Скопје, г-дин Емануел Рембер (Emanuel Rimbert) на ден 20.12.2019г. го посети СОУ „Св.Кирил и Методиј„ каде што се сретна со ново избраната директортка како и со активот на билингвалните паралелки.

Беше дискутирано за тековните и идните проекти на нашето училиште во соработка со Францускиот институт. И во иднина, Францускиот институт ќе помага во развојот на човечките ресурси преку разни обуки и присуство на професорите од билингвалните паралелки во земјата и во странство.

Исто така, беше разговарано за набавка на електронска табла која што ќе биде потребна не само на билингвалните паралелки туку и на останатите во училиштето.  Францускиот институт и понатаму ќе помага во организирање на школски размени со француски училишта со цел учениците да се запознаат со друга култура и образование.

Посетата на г-нот Рембер се заокружи со промовирање на неговата најнова книга насловена “Во Ларингитија” пред учениците од билингвалните паралелки, професори од гимназијата и основните училишта и останати гости. Промоцијата беше во градскиот музеј во Неготино.

 

 

ЕДНОДНЕВНА ЕКСКУРЗИЈА ДО СПОМЕН КОСТУРНИЦА-НЕГОТИНО

СПОМЕН КОСТУРНИЦАТА НА ПАДНАТИТЕ БОРЦИ ОД НОБ ВО НЕГОТИНО

Во согласност со организациските активности на училиштето се реализираше еднодневната екскурзија на ден 10.12.2019год. (вторник). Заедно со учениците  од училиштето се упативме до споменикот „Костурница„. Целта беше остварена. Учениците се дружеа, комуницираа меѓу себе и се зацврсти нивниот заемен однос и почитување. Исто така, посетата на споменикот имаше и научна цел. Беше проследено предавање од страна на професорите по историја . Учениците беа задоволни, бидејќи го надополнија своето знаење за културно-историското обележје на градот.

СПОМЕНИК КОСТУРНИЦА- НЕГОТИНО

Неготино го зазема источниот дел од Тиквешијата, а во географска смисла се наоѓа во централниот дел на Македонија. Токму поради својата геостратегиска положба и значење, Неготино и неготинско секогаш биле крстопат на многу војски и значајни историски настани. Иако населението од овој регион често низ текот на историјата било изложувано на големи невољи како убиства, пљачкосувања, палеж, апсења, понижувања и разни туртури, Неготинци и луѓето од другите околни населени места никогаш не биле неми и пасивни набљудувачи на наметнатата положба. Тие активно учествувале и во предилинденскиот период, во борбите против врховистичките пропаганди, во Балканските војни и Првата светска војна. Сиот свој непокор, патриотизам, револуционерност, јасната национална ориентација и свест и слободољубливоста дошле до израз и јасно се одсликале за време на Втората светска војна во Народноослободителната борба од 1941 до 1945 год.

На 6 Април 1941 започнала германската офанзива на Балканот изведена со брз и ефикасни блиц-крик напади врз тогашното кралство Југославија. Тоа априлско утро гермаските авиони го надлетале и бобардирале и овој регион на Неготино, при што паднале и првите цивилни жртви. Овој дел на Македонија бил окупиран од бугарските фашисти, како дел од нацистичката коалиција на чело со Германија и Адолф Хитлер. На 24 Април 1941 во Неготино дошол Васил Сеизов како главен уредник на профашистичкиот весник “Зора”, кој пред 50-60 граѓани ја истакнувал така наречената “ослободителна” мисија на Бугарија.

На него веднаш, брзо, енергично и аргументирано му се спортиставил Страшо Пинџур кој истакнал дека македонскиот народ сам ќе се бори и избори за својата слобода. Така наскоро во првта половина на Мај 1941 год. во куќата на Александар Донев, а и со присуство на Страшо Пинџур бил формиран и првиот месен комитет на КПМ за Неготино, кој во блиска иднина се појавува како главен организатор на борбата против окуаторот во Неготино во зависност од потребите за дејствување во новите воено – окупациски услови. Во месниот комитет влегувале 5 члена. Лазар Калајџиски – секретар, Лазар Мојсов – заменик секретар и членови: Боро Чаушев, Манчо Малиминов и Тодораќо Гечев. Во текот на борбата во Неготинско која била со променлив карактер, месниот комитет иако останал во одреден период и со само два члена ја продолжил активноста и борбата против окупаторот со примена на нови форми на дејствување. Првиот тиквешки баталјон “Страшо Пинџур” кој земал едни од главните борбени активности во Неготинско бил формиран на 24 Септември 1943 на Кајмакчалан.

На 29 Јули 1944 год. е забележано едно помасовните доброволни излегување на населението од Неготино во партизани, при што оранизирано заминува во борба една од поголемите групи на партизани од овој крај. До конечното изгревање на сонцето на слободата во Неготино и неготинско доаѓа наскоро. Борците од тиквешкото воено подрачје за прв пат влегуваат во Неготино на 4 Септември, срдечно пречекани од населението. Се одржал митинг каде било прокламирано и воспоставувањето на новата народна власт. На 5 Септември 1944 била формирана Команда на местото во Неготино со месна чета, а со тоа всушност градот бил ослободен од бугарскиот окупатор. За неготинското население 7 Септември исто останал како ден на трајно сеќавање, кога во вечерните часови пристигнала Деветата Македонска бригада пречекана со радост и воодушевување. Се  до конечното ослободување на Неготино на 8 Ноември во борбите за неговото непосредно ослободување паднале повеќе од 60 борци, воглавно на Железничката станица и Прждевската лака. Борбата во овој регион била долга и тешка со многу жртви. Инаку од Неготино и неготинско ги положиле своите животи на браникот на татковината за нашата денешна слобода повеќе од 160 борци и жртви на фашизмот. Токму овде на оваа место каде што сме денес, оваа споменик костурница е изградена во чест на сите загинати борци од Неготино и неготинско во Народноослободителната  борба од 1941 до1945 год. Во приземјето на овој споменик се наоѓаат моштите на дел од нив. Самиот соменик е изграден во форма на обеликс и е висок  6 метри. Автор на истиот е Илија Ханџиски, академик вајар од Скопје.

 

АКТИВНОСТ ЕКО-МИМО

На ден 27.11. 2019г. (среда)

На ден 27.11.2019г. (среда) од 11.30часот до 13часот во училишната библиотека се реализираше активност на ЕКО и МИМО во нашето училиште. Во активноста учествуваа ученици членови на МИМО и ЕКО за учебната 2019г./20г. Под мотото на 20 Ноември-Светскиот ден на детето, се поставија различни творби (поетски и прозни), како и есеи поврзани со денот на детето.

              

Исто така, се напишаа и многу пораки кои ја поставија и основата на правата и одговорностите кои треба да ги почитуваат децата, но и возрасните. Без разлика на етничката припадност и улогата на Екологијата посебно, се изработија и ликовни творби за децата и целта на оваа активност: светскиот ден на детето да се поврзе со еколошката свест и едно општество за сите деца.

                                       

ФИСКАЛНА ЕДУКАЦИЈА НА МЛАДИТЕ

Едукативно предавање за учениците на тема: „ Даночниот систем на Република Северна Македонија“, во рамките на проектот „Фискална едукација на младите“ во организација на УЈП и МОН, се спроведува во текот на месец Ноември и со истото се опфатени сите ученици од четврта година.

Преку проектот „Фискална едукација на младите“, средношколците  имаат можност да добијат појасна слика за тоа што претставува данокот и која е општествената корист од плаќањето на даноците. Проектот се спроведува во рамките на образовниот систем како најповикан и најсоодветен сегмент на општеството за едукација и воспитување на младите.

Средношколците како дел од младата популација, идни студенти и академски граѓани на Македонија, имаа можност да добијат појасна слика и визија за тоа што претставува данокот и која е општествената корист од плаќањето на даноците.

Преку организираните предавања во  училиштето, учениците имаат можност да се стекнат со основни и стручни знаења за тоа:

• Какви видови даноци постојат

• Зошто УЈП ги собира даноците

• Каква е користа од плаќањето на данокот за сите нас

• На кој начин и каде се плаќа данокот

Целта на проектот е:

• Подигнување на даночната култура

• Зголемување на свеста и знаењето на младите

• Подобрување на даночната навика кај граѓаните

• Стекнување на основно знаење на младите за даночниот систем на РСМ.